ТЕЈЛОР СВИФТ УРНА РЕКОРД ШТО „БИТЛС“ ГО ДРЖЕШЕ 54 ГОДИНИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Тејлор Свифт го сруши 54 години стариот рекорд на „Битлс“ откако три нејзини албуми се искачија на првото место на британската топ листа за период од само 259 денови.

Последниот албум на американската поп ѕвезда „Fearless“, кој всушност е нова верзија на нејзиниот втор албум, во петокот стана број еден во Велика Британија, што претходно ѝ успеа и со „Folklore“ и „Evermore“, кои ги објави лани.

Во 1965/66, „Битлс“ беше на врвот на топ листата со „Help!“, „Rubber Soul“ и „Revolver“, сите во рок од 364 дена.

Свифт сега има седум албуми кои беа први на британската топ листа. Таа објави дека одново ќе ги сними своите први шест албуми, откако продуцентот Скутер Браун ги продаде правата за оригиналните албуми за 300 милиони долари.