ОЛОВНИОТ БЕНЗИН ИСКОРЕНЕТ ВО СВЕТОТ ОТКАКО И АЛЖИР ПРЕСТАНА ДА ГО ПРОДАВА

Њујорк, (Би-Би-Си)

На светот веќе нема ниедна држава во која се користи оловно гориво за автомобили и камиони, објавија Обединетите нации, откако тоа беше голем загадувач речиси цел век.

Повеќето развиени држави го забранија во 1980-ите и Алжир остана последната земја во која што се користеше. Така беше до јули, кога и таму се потрошија последните залихи.

„Искоренувањето на оловниот бензин е успешна меѓународна приказна. Тоа ќе спречи повеќе од милион прерани смртни случаи секоја година и ќе заштити деца, чија интелигенција се оштетува при изложеност на олово“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерес.

Оловото почнало да се додава во бензините во 1920-ите со цел да се подобрат перформансите на моторот и иако бргу биле увидени неговите штетни ефекти, тоа продолжило сè до 1970-ите. Во почетокот на овој век, оловниот бензин сè уште се користел во 86 држави, од кои по 2016 останале само Ирак, Јемен и Алжир.