НАСА ДЕНЕСКА ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГО ИЗВЕДЕ ИСТОРИСКИОТ ЛЕТ НА ХЕЛИКОПТЕР НА МАРС

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

НАСА денеска планира да го изведе првиот лет на својот минијатурен хеликоптер над површината на Марс, што би бил прв контролиран лет на летало на друга планета.

Ако сѐ биде според планот, 1,8 килограми тешкиот „Инџинуити“ бавно ќе се крене три метри над површината на Марс, ќе се движи 30 секунди, пред повторно да се спушти на своите четири нозе. Летот ќе се изведе утрово, но резултатите нема да стигнат до НАСА во наредните три часа.

Пробниот лет ќе се спроведе 276 милиони километри од Земјата, во кратерот Језеро, при што „Инџинуити“ автономно ќе се раководи од претходно дадените инструкции за летање.

Роботското летало беше донесено на Марс во утробата на роверот „Персеверанс“, кој се спушти во Језеро на 18 февруари за да бара траги на древен вонземски живот. НАСА се надева дека ќе добие фотографии и видеоснимки од летот од камерите поставени на „Инџуинити“ и „Персеверанс“, кој ќе биде паркиран 76 метри подалеку.

Ако тестот биде успешен, „Инџинуити“ ќе изведе уште неколку подолги лета во наредните недели, но меѓу секој од нив ќе мора да одмора четири-пет дена за да ги наполни батериите.