БОБ ДИЛАН НАПОЛНИ 80 ГОДИНИ – НИКОГАШ НЕМАЛ БРОЈ ЕДЕН ХИТ, А СЕГА ЌЕ ДОБИЕ МУЗЕЈ СО 100.000 ПРЕДМЕТИ

Њујорк, (Индипендент)
CULVER CITY, CA - JUNE 11: Musician Bob Dylan Performs onstage during the 37th AFI Life Achievement Award: A Tribute to Michael Douglas at Sony Pictures on June 11, 2009 in Culver City, California. (Photo by Kevin Winter/Getty Images for AFI)

Легендарниот музичар, кантавтор и нобеловец Боб Дилан, кој вчера наполни 80 години, ќе добие музеј во Тулса, Оклахома, чие отворање е закажано за 10 мај 2022.

Како што е најавено, музејот на три спрата ќе биде посветен на важноста и културолошкото значење на Боб Дилан во цел свет. Ќе бидат поставени над 100.000 предмети од неговите живот и кариера. Меѓу нив се рачно напишани стихови, досега необјавени снимки, филмски сцени, ретки фотографии и музички инструменти.

Музејот на Дилан во Тулса ќе се отвори следната година (Фото: Вараети)

Поради пандемијата, Боб Дилан лани не отиде на турнеја за првпат во изминатите 30-ина години, но затоа го објави првиот албум со оригинални песни по осум години пауза. Тоа беше неговиот 39. студиски албум, но и покрај така обемна дискографија, тој никогаш немал хит број еден во САД и Велика Британија.

Во кариерата долга шест децении продаде над 125 милиони албуми и освои десет Греми награди. Во 2016 стана првиот музичар кој добил Нобелова награда за литература, а има освоено и оскар за најдобра песна во 2001.

Тој се вљубил во американската фолк музика откако се преселил во Минеаполис заради студии и тогаш ги напишал и првите оригинални композиции. Факултетот никогаш не го завршил, туку се преселил во Њујорк за да си го оствари сонот да биде голема музичка ѕвезда. По само осум месеци го потпишал првиот договор со издавачка куќа.