САМО ВО УНГАРИЈА ФУДБАЛОТ СЕ ИГРА ПРЕД ПОЛНИ ТРИБИНИ, СИТЕ МОРА ДА ИМААТ КАРТИЧКА ЗА ИМУНИТЕТ

Будимпешта, (АП)

Сликите на десетици илјади фанови на трибините на „Пушкаш арена“ во Будимпешта на мечевите од Европското првенство изгледаат нереално во ова време. По повеќе од една година, тоа беа први меѓународни фудбалски натпревари во Европа што се играа пред полни трибини, што беше овозможено со картичките за имунитет, што ги издава унгарската влада.

Будимпешта е единствениот од 11-те градови домаќини на ЕП каде што е дозволено да се игра пред полни трибини, во случајов 60.000 гледачи. Ова се должи на успешната имунизација против ковид-19 во земјата, а картичките за имунитет потврдуваат дека нивните носители примиле барем една доза од вакцината или ја прележале болеста, со што имаат пристап на спортски настани, како и во хотели, спа центри, концерти, театри и ресторани во затворено.

Истовремено, критичарите сметаат дека тие ги повредуваат основните човекови права.

Благодарение на добиените вакцини од Кина, Русија и ЕУ, Унгарија ја постигна втората највисока стапка на имунизација во Европска Унија, зад Малта. Една доза примиле 66% од возрасното население, но владата не е задоволна и вели дека два милиона Унгарци сè уште немаат добиено картичка за имунитет.