Студентите по дизајн и инженеринг на облека на Технолошко-металуршки факултет во Скопје ја организираа својата 21. модна ревија, која оваа година не се одржа во традиционален облик, туку во вид на видеопрезентација на Јутјуб.

Под раководство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева, темата на ревијата беше иднината е одржлива и студентите ја претставија преку креации изработени од материјали што ги најдоа во архивата на ТМФ и плакарите на нивните мајки, со редизајн на плетениците на нивните баби, рачно фарбање со природни бои, повторна употреба на винтиџ облека и со разни други идеи кои значат нов и одговорен однос кон облеката и дизајнот во иднина.

Во модната ревија учествуваа студентите од втора, трета и четврта година на Технолошко-металуршки факултет.