На Олимписките игри во Токио, еднаш веќе одложени поради пандемијата, нема да има многу забава, ни за учесниците, ни за публиката.
Откако фактички им забранија на олимпијците да имаат секс во Олимпиското село бидејќи таму ќе мора да се почитува социјална дистанца, организаторите се откажаа и од плановите да им дозволат на гледачите да пијат алкохол на спортските борилишта.
„Одлуката беше донесена со цел Олимписките игри да бидат сигурни и безбедни во време на пандемија“, изјави претседателката на Организацискиот комитет Сеико Хашимото.
Таа додаде дека се свесни оти консумирањето алкохол на трибини би можело да придонесе гледачите повеќе да викаат и да го занемаруваат социјалното дистанцирање. Во Токио дури викендов беше укината вонредната состојба, но сè уште постојат строги ограничувања во врска со пиење алкохол.
Организаторите пред неколку месеци забранија присуство на странски гледачи, а домашните ќе мора да носат маска, да почитуваат социјална дистанца, да се воздржат од навивање и потоа да одат директно дома.
Алкохолот генерално ќе биде забранет и во Олимпиското село, но организаторите им дозволија на оние што сакаат да прослават, да пијат сами во своите соби.