ПРОДУКЦИЈАТА НА СПИЛБЕРГ ЌЕ СНИМА НЕКОЛКУ ФИЛМОВИ ГОДИШНО ЗА „НЕТФЛИКС“

Њујорк, (АП)

Продуцентската куќа на Стивен Спилберг потпиша договор со „Нетфликс“, според кој „Амблин партнерс“ годишно ќе снима неколку филмови за стриминг гигантот. Во договорот не се наведува дека филмовите треба да ги режира самиот Спилберг. Холивудските медиуми оценуваат дека ова е голем чекор во борбата за превласт на стриминг платформите.

Во декември, во кината треба да излезе новиот филм на Спилберг, „Приказна од западната страна“.

„Раскажувањето приказни секогаш ќе биде во фокусот на ‘Амблин’, независно што работиме. Од првиот момент кога почнавме да разговараме за партнерство со Тед Сарандос од ‘Нетфликс’ јасно беше дека имаме неверојатна шанса заедно да раскажуваме приказни и да допираме до публиката на нови начини“, изјави Спилберг.

Продукцијата, која е именувана по негов краток филм од 1968, изминативе години стоеше зад филмови како „1917“ и „Зелената книга“.