ФИРЕНЦА ЗАБРАНИ СОБИРАЊЕ И ШЕТАЊЕ НА ПОПУЛАРНИТЕ МЕСТА ПОСЛЕ 21 ЧАСОТ

Фиренца, (Си-Ен-Ен)

Градските власти во Фиренца забранија шетање и собирање во најпопуларните туристички атракции во градот во ноќните часови, освен ако граѓаните и туристите не се таму заради храна или пијачка.

Иако Фиренца беше еден од најпогодените туристички локации поради ковид пандемијата, заострувањето на мерките е со цел да се спречат поголеми собирања и групирања.

Градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, потпиша уредба со која им се забранува на луѓето да се шетаат низ популарните области во четврток, петок и сабота навечер. Пристапот до шест области од историскиот дел на градот, вклучувајќи го и популарниот плоштад Светиот дух, не е дозволен од 21 часот до 6 часот, освен ако луѓето не одат во баровите и рестораните. Седењето на скалите на базиликата Светиот дух е забрането 24/7.

Забраната се однесува на местата каде што луѓето сакаат да се собираат навечер, како скалите на познати цркви и палати.

Казните се движат од 400 до 1.000 евра. Одлуката ќе важи до крајот на пандемијата.