АЛБУМ НА „АББА“ ПОСТАВИ РЕКОРД ОД 1.000 НЕДЕЛИ НА БРИТАНСКАТА ТОП-ЛИСТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Компилацијата на најголемите хитови на „АББА“ стана прв албум во историјата кој се задржал 1.000 недели на британската топ-листа.

Објавен во 1992 година, „Gold“ е вториот најпродаван албум во Велика Британија на сите времиња со 5,61 милион копии, зад „Најголеми хитови“ на „Квин“. Тој има поминато вкупно 19 години и 12 недели на топ 100 листата. Низ годините, тој бил осум недели и на врвот на листата, а моментално се наоѓа на високото 17. место. Албумот е постојано во топ 100 од јули 2017.

Компилацијата беше составена девет години по распадот на „АББА“, откако повторно се обнови интересот за нејзината музика, за што придонесе и миниалбумот на „Ирејжр“ со четири преработки од групата, кој одлично помина на топ-листите во САД и Европа.

Уште два албума се ближат да го повторат историскиот успех на „АББА“: „Легенда“ на Боб Марли и „Вејлерс“ засега е на 984 недели, а „Најголеми хитови“ на „Квин“ на 952.