ДАЛТОНИСТ СУМ, ПОНЕКОГАШ НЕ СИ ГИ РАСПОЗНАВАМ СОИГРАЧИТЕ, ВЕЛИ ДАНСКАТА ЅВЕЗДА ТОМАС ДИЛЕЈНИ

Лондон, (Марка)

Томас Дилејни е еден од најважните играчи во данската фудбалска репрезентација. На патот до полуфиналето на Европското првенство претрчал 43,5 километри и постигна еден гол, против Чешка во четвртфиналето.

Веќе неколку години, играчот на Борусија Дортмунд е и икона на 350 милиони далтонисти на светот. Тој го откри својот недостаток пред Светското првенство во 2018 година, кога се јавил во данското радио „ДР П3“ за да му даде поддршка на еден слушател, кој претходно се пожалил дека не можел да ги разликува играчите на пријателската средба Данска-Мексико.

„Мое име е Томас и далтонист сум. И мене често ми се случува тоа. Пред некој ден, на терен ми беше тешко да распознаам кој е мојот, а кој противничкиот тим“, рекол Дилејни, додавајќи дека игра за Данска.

Тој не може да ја препознае разликата помеѓу зелената и црвената, бојата на неговиот национален тим.

„Тешко е да се опише тоа. Како да гледаш две нијанси на една боја. Морав да ги гледам лицата и брзо да го правам тоа, за да не ја изгубам топката“, го опиша Дилејни своето искуство од мечот со Мексико.

Дилејни (29) е првиот врвен фудбалер кој признал дека е далтонист. Тој ја почна кариерата во Копенхаген, а во 2016 се пресели во Бундеслигата, прво во Вердер, чија заштитна боја е зелената.