НАЈВИСОКАТА СТАНБЕНА ЗГРАДА ВО ЕУ КОНЕЧНО СЕ ОТВОРА ПО 17 ГОДИНИ ИЗГРАДБА

Барселона, (Гардијан)

Бенидорм, град во шпанската провинција Аликанте, е подготвен да ја отвори својата најнова атракција, 17 години откако почна да се гради. Градот кој се стреми да биде Мајами на Медитеранот ќе биде дом на највисоката станбена зграда во Европската Унија, откако 198 метри високата „Интемпо“ конечно беше довршена. Со лифтот кој се движи 4,2 метри во секунда, до врвот на зградата ќе се стигнува за 52 секунди.

(Фото: Ел Паис)

Двете кули на врвот се поврзани со структура во форма на дијамант, каде што апартман чини два милиона евра. Во остатокот од зградата, која има 47 спратови, цената на становите почнува од 250.000 евра.

Според промоторите, 100 од 256-те станови во „Интемпо“ се веќе продадени, најмногу на Шпанци, Руси и Скандинавци. Сите станови имаат балкон со поглед на морето.

Изградбата на „Интемпо“ преживеа неколку големи кризи, што се должи на пропаѓањето на шпанскиот пазар на недвижности во 2000-ите и на актуелната пандемија. Во 2013, од проектот се повлекоа и неговите архитекти.