Скејтбордингот беше вклучен во програмата на Олимписките игри во Токио со цел да се привлече помладата публика, но ретко кој очекуваше дека медали ќе освојуваат деца.
По првата дисциплина во женска конкуренција, улично возење, на подиумот стоеја три тинејџерки од 13, 13 и 16 години. Златото го освои Јапонката Момиџи Нишија, само неколку месеци постара од второпласираната Бразилка Рајса Леал, додека со бронзата се закити уште една домашна скејтерка, Фуна Накајама. Вкупно четири од осумте финалистки имаа 16 или помалку години.
Со 13 години и 360 дена, Нишија за 63 дена не го собори рекордот на Марџори Гестринг, која веќе 85 години се води како најмлада олимписка првенка досега. Помлади освојувачи на медали од Нишија се и Клаус Церта (ОИ 1960) и Фу Мингсија (ОИ 1992).
Дванаесетгодишната сириска пингпонгарка Хенд Заза е најмладата олимпијка во Токио, а следните пет се скејтбордерки.