Вечерва од 20 часот, на тремот на Музејот на современа уметност (МСУ), Саскија Сасен, професорка по социологија на Универзитетот Колумбија во САД и Ана Ивановска-Дескова од Архитектонски факултет во Скопје ќе одржат предавања на тема „Утописки урбанизам и глобален град“. Истовремено ќе биде промовиран каталогот „Скопје, одново“.

Ова е заокружување на проектот „Скопје, одново“, кој беше реализиран во 2019 во организација на МСУ и Амбасадата на САД, а вклучи изложба за основањето на Музејот и за неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен акцент на американските уметници. Кураторки на изложбата беа Ана Кац од Музејот за модерна уметност во Њујорк и Кумјана Новакова од МСУ.

Презентацијата на Сасен ќе се фокусира на концептите на утописки урбанизам и глобален град, додека предавањето на Ивановска-Дескова ќе се однесува на солидарноста и неговото значење за Скопје.