ТУТУНСКИТЕ КОМПАНИИ ЌЕ ПЛАТАТ 80 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА СЕ ИСЧИСТИ ФРАНЦИЈА ОД ОТПУШОЦИ ОД ЦИГАРИ

Париз, (АФП)

Околу 80 милиони евра ќе им бидат распределени на француските општини за да се соберат 23 милијарди отпушоци од цигари, колку што секоја година се фрлаат на земја во Франција, објави министерството за животна средина. Целта е да се намали количеството пластика во околината, за што придонесуваат и пушачите, фрлајќи ги отпушоците секаде наоколу.

Компаниите од тутунскиот сектор ќе придонесат за кампањата со 80 милиони евра, што ќе им се донираат на општините за отстранување на отпушоците и за подигање на свеста за овој проблем. Од министерството за животна средина се надеваат дека на овој начин бројот на фрлените отпушоци ќе се намали за 40% во наредните шест години.

Според една студија, секој четврти пушач во Франција ги фрла отпушоците низ прозорецот од својот автомобил, што, освен загадување, е причина и за пожари.