ОД ФАТИМЕ ДО АФИФЕ И БАБА ОЛЕ, САБИНА АЈРУЛА-ТОЗИЈА БЕШЕ РЕТКА ЅВЕЗДА ВО МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сабина Ајрула-Тозија, една од најмаркантните актерки во театарската и филмската уметност и еден од столбовите на Драмски театар, почина вчера на 75 години по долго и тешко боледување.

Колегите од сите театри во земјава, како и филмските уметници од Турција споделуваат фотографии и анегдоти за големата актерка, сеќавајќи се на неа како врвна глумица со големо срце и хумор.

Ајрула-Тозија и Нада Гешоска (Фото: Драмски театар)

Ајрула-Тозија е родена во Скопје на 17 април 1946. Ќе остане вечно запаметена по нејзините улоги во претставите „Дамите од Аламо“, „Болва во уво“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Еригон“, „Косанчиќев венец“, „Ивона, кнегиња бургундска“, „Авантурите на Понг и Луси“, „Свадба“…

Сабина Ајрула-Тозија, Снежана Стамеска и Ленче Делова (Фото: Драмски театар)

Повозрасната публика ја памети по улогата на Фатиме во „Солунски патрдии“, телевизиската серија на Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, снимена во 1985 година. Но, и помладите генерации ја запознаа актерската игра на Ајрула-Тозија преку телевизиската серија „Зоки Поки“, снимена по истоимената книга на Оливера Николова. Глумеше и во многу македонски филмови снимени од крајот на 1960-ите до неодамна. Меѓу првите филмови во кои глумеше е „Време без војна“ од 1969. Во нејзиниот актерски опус се запишани и филмовите „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Сенки“…

Славица Николовска, Лилјана Георгиева и Сабина Ајрула-Тозија. (Фото: Драмски театар)

„Родена глумица со раскошен повеќедецениски репертоар на сцената и филмот. Од Фатиме до Вера и грандиозните турски продукции. Сабина, дама и пријател. Ретка ѕвезда на нашите простори“, напиша министерката за култура Ирена Стефоска.

Ликот на баба Оле во „Зоки Поки“ ѝ е една од последните улоги (Фото: Кино око)

Последните години беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афифе Хатун во популарната серија „Сулејман Величествениот“, таа играше и други улоги на тамошната сцена. Меѓу последните беше ТВ-серијата „Ескија“, каде го играше ликот на Хајрије Чакирбејли.