БЕРИ ГИБ И РИНГО СТАР ДОБИЈА ТИТУЛА СЕР

Лондон, (Би-Би-Си)

Последниот преживеан член на „Би Џис“, Бери Гиб и некогашниот тапанар на „Битлс“, Ринго Стар, се меѓу Британците кои од кралицата Елизабета Втора добија витешка титула на крајот на 2017 година.

Тие им се придружија на други славни британски музичари кои ја носат титулата сер, како Пол Меккартни, Елтон Џон, Мик Џегер и Ван Морисон.

„Почестен сум и горд што ја добив оваа титула“, изјави Бери Гиб, кој го оформи „Би Џис“ со своите сега покојни браќа Морис и Робин во 1958 година, за да станат една од најуспешните диско-поп групи на сите времиња.

„Оваа титула е нивна исто колку и моја“, додаде Гиб.

Ринго Стар ја прими титулата под своето вистинско име Ричард Старки, 20 години по Меккартни.

„Ова е одлично. Чест е и задоволство да се биде признат не само поради музиката, туку и поради добротворната работа. Мир и љубов со сите“, изјави Стар, кој сега живее во Њујорк.