ГРИЗМАН Е 11. ИГРАЧ КОЈ ЈА НАПУШТИ БАРСЕЛОНА ЛЕТОВО СРЕДЕ ФИНАНСИСКАТА КРИЗА

Барселона, (Би-Би-Си)

Антоан Гризман се врати во Атлетико Мадрид две години откако се пресели во Барселона по активирањето на откупната клаузула од 107 милиони фунти. Тој е 11. фудбалер кој ја напушти Барселона ова лето среде големата финансиска криза во клубот, вклучувајќи го и Лео Меси, чија плата веќе не можеше да си ја дозволи.

Барселона го позајми Гризман на една сезона, при што Атлетико ќе ја плаќа неговата плата, а постои и клаузула која може да го направи трансферот постојан.

Гризман се промовираше во еден од најдобрите светски напаѓачи во дресот на Атлетико, откако за пет сезони постигна 133 голови на 257 натпревари. Тој не ги исполни очекувањата во Барселона и си заминува со скор од 35 голови на 102 средби.

Освен Гризман, Барселона на последниот ден од преодниот рок ги продаде и десниот бек Емерсон Ројал, кој замина во Тотенхем за 25,8 милиони фунти и тинејџерот Илаис Мориба, кој ја продолжува кариерата во РБ Лајпциг за 13,7 милиони фунти.

Барселона можеше да го регистрира Серхио Агуеро дури откако Серхио Бускетс и Жорди Алба се согласиле да им бидат намалени платите, што претходно го направи и Жерард Пике.