„ПОСЛЕДНИОТ ЏЕДАЈ“ ЗА НЕПОЛНИ ТРИ НЕДЕЛИ ЗАРАБОТИ НАД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (АП)

На последниот ден од 2017 година, „Војна на ѕвездите: последниот Џедај“ го надмина „Убавицата и ѕверот“ како филм со најголема заработувачка во кино-благајните во Северна Америка.

Осмото продолжение на култната франшиза го држи првото место трета недела по ред, иако „Џуманџи: добредојде во џунглата“ значително му се доближи.

Според пресметките на „Дизни“, „Последниот Џедај“ викендов заработи дополнителни 52,4 милиони долари, со што неговата вкупна заработка се искачи на 517,1 милион. Другиот хит на „Дизни“, „Убавицата и ѕверот“ застана на 504 милиони долари минатата година.

Со приходот од овој викенд, „Последниот Џедај“ ја надмина вкупната заработка од милијарда долари на светско ниво, а допрва треба да се прикажува во кинеските кина, почнувајќи од 5 јануари.