Филмовите за Олафур Арналдс и Мајлс Дејвис денеска го отвораат седмото издание на фестивалот на музички документарци Скопје синема сити. Фестивалот ќе трае четири дена, 18/19 септември и 21/22 септември, а филмовите ќе се прикажуваат во дворот на Кинотеката.
Филмот што го отвора фестивалот (19 часот) е „Кога ќе се родиме“ за исландскиот мултиинструменталист и продуцент Олафур Арналдс, кој е и Артист во фокусот. Триесет и четиригодишниот Арналдс е едно од најактуелните имиња во светот на експериментална електронска и амбиент музика.
Вечерва ќе се прикаже и филмот за џез великанот Мајлс Дејвис, „Birth of the Cool“, со што ќе се одбележи 30-годишнината од неговата смрт.
На репертоарот ќе бидат и филмови за Кирил Џајковски, Марк Болан, Кејт Буш и „Прајмл скрим“, како и „Angel’s Breath“, краткиот филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил.