Славните скали Хаику на Хаваи ќе бидат отстранети следната година, откако таква одлука донесоа властите на Хонолулу.

Често нарекувани „Скали до рајот“, тие оригинално биле изградени од американската морнарица во 1940-ите за да се обезбеди пристап до радиостаница. Тие содржат 3.922 скалила и се протегаат 853 метри долж сртот на планинскиот венец Кулау на островот Оаху. На моменти се поминува низ облаци и локални жители тврдат дека оттаму има најубав поглед на Хаваи.

Скалите се изградени во 1940-ите (Фото: Гети)

Иако туристичка атракција која годишно привлекува илјадници љубители на возбуда, скалите всушност се забранети за одење и официјално беа затворени за јавност во 1987 година, делумно и зашто поминуваат преку приватен имот. Казна за одење по скалите е 1.000 долари.

Градоначалникот на Хонолулу, Рик Блангјарди, го одобри отстранувањето на скалите поради грижите за јавна безбедност и недостигот на соодветна инфраструктура.