Пијанистот Симон Трпчески е добитник на наградата „Георги Божиков” за изведба на дело од македонски композитори во изминатата 2020 година, соопшти Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). Оваа награда се доделува на музички уметници и ансамбли за континуирано успешно изведување и промовирање на македонското музичко творештво.
Пијано виртуозот изминативе пет години е актуелен со проектот инспириран од фолклорната музика „Македонисимо“, со кој настапува низ светот. Тој на 7 октомври ја отвори новата концертна сезона на Филхармонијата.
Трпчески ќе ја прими наградата на 14 октомври, на свеченото затворање на 44. Денови на македонска музика, пред гала-концертот со солисти и оркестарот на НОБ под диригентство на Иван Еминовиќ.