По 40 години Скопски џез фестивал, голем јубилеј оваа есен слави и Офф-фест, уште еден фестивал на кој редовно настапуваат музичари од сите континенти. Дваесеттото издание ќе има три програмски дена во Националната опера и балет, распоредени од 9 до 13 ноември.
„Планираната програма е свежа, разнобојна и возбудлива, една од најинтересните во скорешната историја на фестивалот“, најавуваат организаторите.
Првиот ден е посветен на португалско фадо, што го вклучува и настапот на дуото Лина и Раул Рефри.
На 11 ноември се концертите на словенечкото инструментално трио „Широм“, кое својот стил го опишува како имагинарен фолк и на бразилскиот гитарист Кико Динучи, кој ќе ја претстави својата „апокалиптична самба“, придружуван од пејачката Јусара Марсал.
Фестивалот го затвораат Пијан Славеј, музичко-поетскиот соло проект на фронтменот на „Фолтин“ Бранислав Николов и камерунскиот музичар Блик Баси, кој пее на јазикот баси, еден од 260 на кои се зборува во неговата татковина.
Г. КОНЕВ