„ЛЕНКА“ НА РАЦИН НАСЛИКАНА НА МУРАЛ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Потпорниот ѕид под Градскиот саат во Велес е украсен со нов мурал. Насловен е „Ленка“, според песната на Кочо Рацин.

Муралот од 60 квадратни метри е дело на Бранкица Јордановска, дипломирана графичарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, додека текстот од песната е изработен од дизајнерот Ласко Џуровски, според анализи на оригинални документи со ракописот на Рацин.

„Темата на муралот е дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на културата и литературата, кои имаат директен придонес во развојот на државноста и придонеле во создавањето или зачувувањето на културното наследство“, објасни носителот на проектот „Фрагмент Комуникации”, додека за цртањето и илустрацијата беше задолжено „Студио КР7 ТП”.

Освен Велес, во рамките на проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност” беа насликани мурали и во Богданци, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Скопје и Струга.

П. ПЕЧКОВ