Над 50 ТВ-серии од македонска и балканска продукција, како и филмови од Холивуд и цела Европа се достапни на „Глеј“ (gley.mk), првата македонска национална стриминг платформа.
Меѓу насловите кои се достапни се филмовите „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија и „Џган“ на Вардан Тозија и ТВ-сериите „Преспав“, „На терапија“ и „Фамилија Марковски“.
Сите серии и филмови се целосно локализирани на македонски и албански јазик. Посебен акцент, велат од „СВОД мастер“, е ставен на обработката на детската програма, која е синхронизирана на македонски и албански.
Платформата е достапна од денеска, со три нивоа на месечна претплата: 299, 399 и 499 денари, во зависност од бројот на уреди од кои истовремено ќе може да се пристапи.
Б. НЕСТОРОСКА