Збирката поезија „Кратки поеми за најмладите боеми“ е доказ дека лекарите, покрај со медицина, можат да се занимаваат со уште една хумана дејност, а тоа е лекување со стихови, вели докторот од Битола, Александар С. Трајковски, за неговата книга за деца.
Тој е специјализант по онкологија и радиотерапија, како и преведувач и толкувач на романски јазик.
„Мојата компетентност за човечката психологија, што сум ја изучувал многу години, ми дава можност на многу едноставен начин да ги прикажам сите слоеви на раскошната и совршено искрена убавина на детското мозоче и да го пронајдам клучот за вратата на имагинацијата која сè почесто е затворена кај дечињата во денешно време“, вели Трајковски.
Мотивите во неговата книга, издадена од издавачката куќа „Ѓурѓа“, се вечната мистичност на детската искреност, кротката невиност и љубопитноста на детското срце. Збирката е богата ризница на едноставни детски песнички, но со моќни пораки низ стиховите.
„Детската поезија е најтешка за пишување. Треба да биде едноставна за да биде радост за едно дете, а колку е поедноставна, толку е покомплицирана за творење. Затоа детската поезија сè помалку се создава и се заменува со сликовници и друго“, додава Трајковски.
Тој пројавил љубов кон пишаниот збор уште од најрано детство. Студирал медицина во Букурешт, по што се вработил во битолската болница. Одлично го познава романскиот јазик и на него преведува дела од современи македонски писатели.
Ж. ЗДРАВКОВСКА