МЕКО КОЗЈО СИРЕЊЕ ОД ШПАНИЈА ПРОГЛАСЕНО ЗА НАЈДОБРО НА СВЕТОТ

Овиедо, (Си-Ен-Ен)

Меко козјо сирење од Шпанија го освои првото место на 33. World Cheese Awards, победувајќи 4.079 конкуренти од 45 држави од пет континенти. Најдоброто сирење на светот е „олавидија“ од занаетчискиот производител „Quesos y Besos“, што во превод значи „сирења и бакнежи“.

„Ние сме мал, скромен производител од Хаен, град светски познат по своите маслинки. Нашата фирма има само шест вработени. Правиме сирење помалку од пет години и затоа никогаш не мислевме дека така рано ќе ја освоиме најголемата награда“, изјави шефицата на компанијата Силвија Пелаес.

На второто и третото место завршија сирења од Франција.

Наградата, за која одлучуваше жири од 250 судии, не беше доделена лани, па последниот победник беше американско органско сино сирење во 2019.