НАОДИТЕ СЕ ЛОШИ, СЕ ПОМИРИВ СО СИТУАЦИЈАТА, ВЕЛИ ЌИРО БЛАЖЕВИЌ ЗА НОВАТА БОРБА СО РАКОТ

Загреб, (Индекс)

Легендарниот хрватски фудбалски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ повторно се бори со рак на простата, признавајќи дека прогнозите не се добри. Оваа болест првпат му беше дијагностицирана пред десет години и во меѓувреме двапати ја победи.

„Наодите се лоши. Лекарите ги уништија метастазите на три места, но ракот во меѓувреме се проширил на коски и ребра“, кажа 86-годишниот Блажевиќ во интервјуто за весникот „Јутарњи лист“.

Додава дека е помирен со ситуацијата.

„Веќе некое време ги нема Томислав Ивиќ, Влатко Марковиќ и Ото Бариќ, замина и многу помладиот Цицо Крањчар, па не може јас да останам. Се помирив со ситуацијата, единствено сакам да заминам без болки. Отсекогаш сум имал многу низок праг на толеранција на болка“, вели Блажевиќ.

Во кариерата што се протегна низ шест децении, Блажевиќ водеше 30-ина клубови и репрезентации, што беше крунисано со третото место со Хрватска на СП 1998 во Франција.