Шпанскиот репрезентативец Педри ја освои годинашната награда Златно момче, што му се доделува на најдобриот млад фудбалер во Европа. Осумнаесетгодишниот Педри е првиот играч на Барселона кој ја понесе престижната титула по Лео Меси во 2005 година, а го наследува Ерлинг Халанд.
Весникот „Тутоспорт“ објави дека Педри победил со најголемата разлика откако ја доделува оваа награда од 2003 година. Тој освоил 318 поени од 40 новинари, 119 повеќе од Англичанецот Џуд Белингам.
Педри имаше исклучителна година. Тој дојде во Барселона од Лас Палмас во лето 2020 и брзо се афирмираше во еден од клучните играчи. Во првата сезона одигра дури 52 натпревари за Барселона и потоа со Шпанија стигна до полуфиналето на Европското првенство и освои сребро на Олимписките игри во Токио.