ВО МАЛЕЗИЈА СЕ ИЗДИГНА ВТОРАТА НАЈВИСОКА ЗГРАДА НА СВЕТОТ

Куала Лумпур, (Си-Ен-Ен)

Шилецот на 118-катен облакодер во Куала Лумпур се издигна до височина од 679 метри. „Мердека 118“ ќе биде втората највисока зграда на светот кога ќе биде довршена следната година, зад Бурџ Калифа во Дубаи.

На церемонијата со која беше одбележано комплетирањето на врвот, малезискиот премиер Исмаил Сабри Јакоб го опиша проектот како легендарна кула за иднината.

„Ова не е само големо постигнување на полето на инженерството, туку и дополнително ја зацврстува позицијата на Малезија како модерна и развиена држава“, кажа Јакоб.

Половина од просторот во кулата ќе бидат деловни канцеларии, а ќе содржи и трговски центар, џамија, хотел и највисока платформа за набљудување во Југоисточна Азија. „Мердека 118“ е проектирана од австралиското студио „Фендер Кацалидис“.