Холандската престолонаследничка, принцезата Амалија, денеска полни 18 години, со што и официјално може да го наследи својот татко, кралот Вилем-Александер. Се очекува роденденот на Амалија да помине без големи прослави не само поради актуелните ковид рестрикции, туку и поради повлечениот карактер на холандското кралско семејство.
Амалија е највозрасното дете на кралот Вилем-Александер и кралицата Максима и со тоа е прва во редот за наследување на тронот. Сепак, во одобрената биографија објавена минатиот месец, Амалија кажа дека иако е посветена да ѝ служи на земјата цел живот, сѐ уште не е целосно подготвена за тоа. Во случај 54-годишниот Вилем-Александер да отстапи од која било причина, таа би ја замолила нејзината мајка Максима да владее како регент некое време.
За денеска не се планирани никакви официјални свечености, освен што Амалија ќе биде примена во Државниот совет, советодавно тело за уставни прашања.
Амалија следната година планира да стажира во некоја мултинационална компанија, пред да почне да студира, веројатно во Леиден. Освен што важи за одлична ученичка, повремено работела како келнерка во кафуле на плажа.