САГРАДА ФАМИЛИЈА ДОБИ НОВА КУЛА УКРАСЕНА СО ЅВЕЗДА ОД 5,5 ТОНИ, НО КРАЈОТ НА ИЗГРАДБАТА НЕ СЕ НАЅИРА

Барселона, (ДПА)

Огромна ѕвезда е поставена на врвот на втората највисока кула на катедралата Саграда фамилија во Барселона, со што беше означено довршувањето на нејзината изградба. Во присуство на илјадници луѓе, „Ѕвездата на Витлеем“ беше благословена од кардиналот и надбискуп на Барселона, Хоан Хосеп Омеља.

Со своите 138 метри, ова е највисоката од досега комплетираните девет кули и прва која се отвори од 1976 година.

„Архитектот Антони Гауди ја следеше церемонијата од рајот несомнено длабоко трогнат“, кажа Омеља.

Изградбата на базиликата почна во 1882 и сѐ уште не е завршена. Според последните проценки, тоа би требало да се случи најрано во 2030. Жорди Фаули е веќе седмиот главен архитект кој ја надгледува изградбата и се надева дека ќе го дочека крајот. Катедралата тогаш ќе има 18 кули, од кои највисоката ќе се издигнува 172 метри.

Пет и пол тони тешката ѕвезда, посветена на Богородица, чинеше 1,5 милиони евра. Направена од челик и стакло, таа ќе ја фаќа и рефлектира сончевата светлина преку ден, а во вечерните часови ќе свети одвнатре.