КУКЛЕНАТА ПРЕТСТАВА „ПАЛЕШКА“ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Палешка“, во режија и драматизација на Давор Драгојевиќ од Црна Гора, вечерва (19 часот)  премиерно ќе се изведе во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Преводот, адаптацијата и драматургијата се на Драгана Лукан Николоски. Во претставата играат Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов. Сценографијата, костимите и дизајнот и изработката на куклите се на Кирил Василев, а композитор е Алек Родиќ.

Екипата на претставата вели дека направиле ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е ставен на мајчинската љубов и нејзината сила.

„Претставата допира актуелни теми од современото живеење и растење на децата, како различноста и прифаќањето на различноста кај себеси и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности“, вели екипата.

Првата реприза е закажана за 25 декември од 19 часот.