Платото пред реновираниот Офицерски дом во Битола е местото каде што во четвртокот вечер со настапот на групата „Фолтин“ почна деветдневната празнична програма со 57 културно-уметнички настани.

Во 60 часа активна програма, планирани се настапи на битолски групи и диџеи, театарски претстави, работилници…

„Фолтин” одржа концерт на четири степени под нулата. Студот не ги спречи битолчани да се забавуваат на настанот кој беше дел од новогодишната програма „Зимска приказна“ во организација на Општина Битола.

„Годинава за програмата наменивме сума од 1,2 милиона денари, која поради преголемиот интерес на распишаниот конкурс ја зголемивме за 20%. Не очекувавме толкав интерес, но најавата дека сакаме локалните артисти да добијат свој простор покажа колку е важна нашата поддршка“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

На новогодишната вечер битолчани ќе ги забавуваат Камерниот оркестар на Битола и повеќе диџеи. Празничната програма започнува секој ден од 17 часот и ќе трае до 31 декември. Платото пред Офицерскиот дом и Широк сокак се единствените места што Општина Битола ги украси годинава за празниците.

Ж. ЗДРАВКОВСКА