ШВЕДСКИ ГРАД АНГАЖИРАШЕ ГАВРАНИ ЗА СОБИРАЊЕ ОТПУШОЦИ ОД УЛИЦИТЕ

Стокхолм, (Гардијан)

Гаврани се ангажирани да собираат отпушоци од улиците и плоштадите на шведскиот град Судертелје во близина на Стокхолм во пилот-проект чија цел е намалување трошоци. Птиците за награда добиваат малку храна за секој отпушок што ќе го остават во посебна машина дизајнирана од старт ап компанијата „Корвид клининг“.

„Тие се диви птици кои учествуваат на доброволна основа“, вели основачот на компанијата Кристијан Гинтер-Хансен.

Фондацијата „Да ја одржуваме Шведска чиста“ вели дека секоја година на шведските улици се фрлаат една милијарда отпушоци, кои претставуваат 62% од целото ѓубре. Судертелје троши 20 милиони круни (1,6 милиони фунти) на чистење на улиците. Гинтер-Хансен проценува дека неговиот метод ќе ги намали овие трошоци на градот за 75%.

Новокаледонските гаврани се добри во расудувањето колку и седумгодишно дете, покажа едно истражување, со што се најпаметните птици за оваа работа.

„Тие полесно се учат и има поголеми шанси да учат едни од други. Во исто време, помал е ризикот дека по грешка ќе го изедат ѓубрето“, вели Гинтер-Хансен.