Водечката социјална мрежа во Кина привремено падна откако десетици милиони луѓе побрзаа преку интернет да го прослават првиот златен медал на Ајлин Гу на Олимписките игри во Пекинг. Осумнаесетгодишната ѕвезда на слободното скијање, која е родена во САД, триумфираше во дисциплината биг ер пред Французинката Тес Леду и Швајцарката Матилде Гремод.
„Ова е најголемиот, најсреќен момент во мојот живот. Не ми се верува што се случи. Дури и да немав така добро приземјување, мојата главна цел беше да охрабрам што е можно повеќе девојчиња да се обидат да поместуваат граници“, изјави Гу.
Таа е родена и пораснала во Калифорнија, но во 2019 реши да настапува под знамето на Кина. Позната како „снежна принцеза“, Гу стана неофицијално лице на кинеските олимписки амбиции, а нејзината популарност драматично порасна во пресрет на ЗОИ.
Гу денеска доминира на кинеската верзија на Твитер, Веибо, каде што била спомната во повеќе од 90.000 коментари во првите 30 минути по победата, а поврзаните хаштази имале 300 милиони прегледи за еден час, што предизвикало пад на целиот сајт. На Гу ѝ честиташе и Комунистичката партија на Кина.
Гу, чиј татко е Американец, а мајка Кинезинка, првпат се искачи на подиумот во Светскиот куп на 15 години. Непознато е дали таа мораше да се откаже од американското државјанство поради настапите за Кина, која не дозволува двојно државјанство. Гу досега одбиваше да зборува за тоа, велејќи дека во САД се чувствува како Американка, а во Кина како Кинезинка. Наесен, Гу ќе почне со студиите на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.