ПАНК ИКОНАТА ИГИ ПОП ЈА ДОБИ „НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА МУЗИКА“ ЗА 2022

Стокхолм, (АП)

„Кумот на панкот“ Иги Поп е добитникот на наградата Полар за 2022, која се смета за своевидна Нобелова награда за музика.

„Иги Поп создаде фуриозна рок музика, мешајќи ги влијанијата од блузот и слободниот џез со бучавата на автомобилската индустрија на Мичиген“, кажа жирито.

Како фронтмен на групата „Стуџис“, 74-годишниот Иги Поп важи за еден од втемелувачите на панк рокот. Жирито кажа дека тој е заслужен за појавата на бендови како „Секс пистолс“, „Рамонс“ и „Блонди“. Како соло музичар, сними 19 студиски албуми.

Покрај него, наградата ја доби „Ансамбл интерконтампоран“, современ музички оркестар од Париз, основан од композиторот Пјер Булез во 1976 година.

Наградата Полар ја востанови поранешниот менаџер на „АББА“, Стиг Андерсон и првиот добитник беше Пол Макартни во 1992. По него следуваа музички легенди како Елтон Џон, Реј Чарлс, Боб Дилан, „Лед Цепелин“, „Пинк Флојд“, Бјорк, Стинг и „Металика“. Лауреатите добиваат еден милион шведски круни.