ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ПОЧЕСТЕН СО ОГРОМНИ АПЛАУЗИ ЗА 18. РОДЕНДЕН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Полната сала на Македонскиот народен театар синоќа ја отпеа „Среќен роденден“ на Танц фест Скопје, кој со годинашното издание влезе во полнолетство.

Фестивалот започна во 2005 и оттогаш на сцената продефилираа илјадници уметници од цел свет, а публиката имаше можност да ги проследи настапите на врвни танчарски компании од Амстердам, Њујорк, Пекинг, Париз, Лисабон, Љубљана, Истанбул, Анталија…

Младите танчари од Скопје танцов театар 2, Сара Димоска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Христова, Микаела Ангела Глигорова, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит и Емилија Милак, ја изиграа кореографијата „Котел“ на Рисима Рисимкин, а потоа беа изведени „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска и „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин.

Публиката со огромни аплаузи ги награди танчарите за сите изведби.

(Фото: Д. Перковски)