ОБЈАВЕН ПРВИОТ ТРЕЈЛЕР ЗА МАКЕДОНСКАТА 3-Д АНИМИРАНА СЕРИЈА „АГЕНТ 203“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Објавен е првиот трејлер за 3-Д анимираната серија „Агент 203“, што скопското студио „Ви хаус анимејшн“ ја прави за светскиот пазар. Серијата е наменета за деца над седумгодишна возраст, а премиерата е најавена за пролет 2023. Ќе има 26 епизоди во времетраење од по 22 минути.

Главен лик е девојчето Зои, интергалактичка агентка, која заедно со нејзиниот партнер, вонземјанинот Улав и со најдобрите пријатели се бори против негативците од вселената. Главниот негативец се вика Гор и неговата мисија е да ја украде магичната алка на Зои, што ја добила во аманет од татко ѝ, интергалактички агент кој исчезнал во акција.

Од студиото велат дека целата серија е осмислена и реализирана од домашни креативци, а кокреатор и режисер е Дамјан Митревски. Се планира да биде синхронизирана и на македонски јазик, за да може да ја види и домашната публика.