СЕРИЈАТА ЗА ВЕРСАЧЕ НЕ Е ВИСТИНИТА, РЕАГИРА СЕМЕЈСТВОТО НА СЛАВНИОТ ДИЗАЈНЕР

Лос Анџелес, (Вараети)

Пред премиерата на ТВ-серијата „Американска крими приказна: убиството на Џани Версаче”, конечно, се огласи и семејството на легендарниот моден дизајнер.

„Семејството Версаче ниту даде дозвола, ниту учествуваше во создавањето на ТВ-серијата за смртта на Џани Версаче. Бидејќи Версаче не ја одобри книгата на којашто е делумно заснована, ниту, пак, учествуваше во пишувањето на сценариото, оваа телевизиска серија треба да се смета за фикција”, се вели во соопштението на семејството издадено преку модната куќа.

Втората сезона на популарната серија, која почнува на 17 јануари, ќе го испита убиството што го изврши Ендрју Кјунанан во 1997 година.

Едгар Рамирез го игра Версаче, Дарен Крис – Кјунанан, а Пенелопе Круз ја глуми сестрата на дизајнерот, Донатела.

Сценариото делумно е засновано на книгата на Морин Орт од 1999 година, „Вулгарни фаворити: Ендрју Кјунанан, Џани Версаче и најголемиот неуспешен обид во американската историја”.

Шпанската актерка Пенелопе Круз како Донатела Версаче

Од телевизиското студио „Фокс 21“ и „Еф-Екс продакшнс“, кои се продуценти на серијата, изјавија:

„Како и првата сезона од ‘Американската крими приказна: народот против О Џеј Симпсон’ , која се базираше на бестселерот на Џефри Тобин, така и ‘Убиството на Џани Версаче’ се базира на книгата на Орт, која ги истражуваше животот и криминалните дејствија на Кјунанан“.

Извршниот продуцент Том Роб Смит призна дека сценаристите морале да пополнат празнини во одредени делови од приказната, но демантираше дека некои од настаните се преувеличени.