МАСК ВЕТИ ВРАЌАЊЕ НА СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ НА ТВИТЕР ОТКАКО ГО КУПИ ЗА 44 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Илон Маск вчера постигна договор за купување на Твитер за 44 милијарди долари, ветувајќи дека ќе ја намали цензурата на оваа социјална мрежа, при што групи за човекови права изразија загриженост дека тоа може да доведе до пораст на говор на омраза.

Маск се опишува себеси како „апсолутист на слободата на говорот“ и често ја критикуваше политиката на платформата за модерирање содржини, тврдејќи дека Твитер треба да биде вистински форум за слободен говор.

„Слободата на говорот е камен-темелник на функционална демократија“, кажа Маск откако договорот беше официјализиран.

„Последното нешто што ни треба е Твитер свесно да замижува пред насилен и злоставувачки говор против корисниците“, објави „Амнести интернешнал“.

Многумина корисници го поставија прашањето дали сега ќе се дозволи враќање на суспендираните профили, како оној на Доналд Трамп. Бившиот претседател на САД кажа дека не планира да се враќа на Твитер, зашто сега има своја сопствена платформа Truth Social.

„Се надевам дека и најгласните критичари ќе останат на Твитер зашто тоа е смислата на слободата на говорот“, кажа Маск.

Единаесетчлениот управен одбор на Твитер едногласно ја поддржа понудата на Маск. Сенаторката Елизабет Ворен го опиша договорот како опасност за демократијата, додека Белата куќа изрази загриженост за преголемата моќ што може да ја има една социјална мрежа.