Седумдесет и двегодишна Италијанка тргна на епско патување пешки од Венеција до Пекинг, при што ќе ја следи маршрутата на легендарниот трговец Марко Поло долж древниот Пат на свилата. Виена Камарота вчера тргна од Венеција, родниот град на Поло и на патот долг 22.000 километри треба да помине низ 15 држави. Нејзината цел е да стигне во Пекинг во декември 2025.
Камарота е страствен шетач повеќе од 30 години и на овој начин ги има поминато Тибет, Палестина, Израел, Патагонија и Мадагаскар. Вели дека е подготвена за својот најнов предизвик, на кој ќе се соочи со различни терени и клими низ Европа, Блиски Исток и Азија.
Освен ранец, носи и GoPro камера за да го документира патувањето и телефон, кој содржи и апликација преку која нејзин лекар ќе ѝ го следи здравјето.
„Со исклучок на дел од патот од Азербејџан до Туркменистан, цело време ќе одам пешки. Ќе има навистина предизвикувачки моменти, како студот во Монголија, но спремна сум“, кажа Камарота.
Таа ќе премине во Словенија од северна Италија, по што ќе продолжи низ Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Грузија, Иран, Азербејџан, Туркменистан, Узбекистан, Киргистан, Казахстан, Монголија и, конечно, Кина. Попат ќе носи италијанско и украинско знаме, бидејќи патувањето го опишува како „од за мир“.