Амбер Хрд сведочеше дека нејзиниот бивш сопруг Џони Деп постојано ја удирал додека бил под дејство на дрога и алкохол, што го претворило во „ужасна работа“.
Судењето за клевета, на кое Деп бара 50 милиони долари од Хрд, влезе во четвртата недела. Деп ја тужи актерката за колумната во „Вашингтон пост“, во која таа се прикажа себеси како жртва на семејно насилство, што, според него, му го нарушило угледот и му ја упропастило кариерата.
На вчерашното неколкучасовно сведочење, Хрд изјави дека шаблонот на насилство почнал во 2012, една година откако се запознале на снимањето на филмот „The Rum Diary“ во Порторико. Тие се зближиле и вљубиле неколку години подоцна, иако Хрд тврдеше дека Деп првпат ја удрил уште во 2012.
Хрд го опиша Деп како некој кој можел да биде нежен и љубезен, но кој имал напливи на бес кога бил под дејство на алкохол и дрога, најчесто кокаин.
„Тој ме обвинуваше и обвинуваше за измислени неверства и потоа би експлодирал и би ме удирал. По вакви испади, тој исчезнуваше и по некое време се враќаше трезен. Потоа беше суперфин и многу се извинуваше и повторно сè беше добро“, кажа Хрд.
Деп претходно сведочеше дека никогаш не ја удрил Хрд и дека таа секогаш барала причина за конфликт и насилство. Терапевтот на двојката изјави дека нивната врска се темелеше на заемно злоставување.
Се очекува судењето да трае уште еден месец.