Првата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски во последните 30 години ќе се отвори вечерва во 20 часот во Даут пашин амам во Скопје. На отворањето ќе се обрати и претседателот Стево Пендаровски.

Исклучителниот творечки опус на Кондовски (1927-1993) е камен-темелник на современата македонска ликовна уметност. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1952, во 1958 бил на студиски престој во Париз, а во 1961/62 специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1972 до 1980 бил професор на Педагошка академија во Скопје, а потоа предавал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје до 1987.

Самостојно излагал во Скопје, Загреб, Рим, Зрењанин, Нови Сад, Тетово, Белград, Њујорк, Сиетл и Торонто, автор е на голем број театарски и телевизиски сценографии, а има опремено и стотици публикации со повеќе од 2.000 илустрации.

Ретроспективната изложба ќе ги опфати сите периоди од творечката дејност на Кондовски, кој остави импозантен опус. Токму затоа, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на Кондовски и расветлување на доминантните аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност.