Канада ќе стане прва држава на светот каде што предупредувањата за пушењето ќе бидат отпечатени на секоја цигара. Ова се надоврзува на задолжителните вознемирувачки фотографии што мора да ги има на секоја кутија цигари, политика која стана меѓународен тренд откако беше воведена пред две децении.
„Овие пораки можеби ја изгубија својата оригиналност, а со тоа и влијанието. Додавањето здравствени предупредувања на секоја цигара ќе помогне овие суштински пораки да допрат до сите, особено младите, кои често пушат само една цигара кога се во друштво и ги занемаруваат информациите од кутијата“, изјави канадската министерка за ментално здравје и зависности Керолин Бенет.
Владата се надева дека измените ќе стапат на сила во втората половина на 2023. Бенет вели дека сегашниот предлог е на секоја цигара да стои пораката „Отров во секое пуфкање“, но тоа не е конечно.
Канада почна да става предупредувања на кутии со цигари на почетокот на векот, но фотографиите не се сменети цела деценија.