НОРВЕШКА ГО ОТВОРИ НОВИОТ НАЦИОНАЛЕН МУЗЕЈ СО ПОСТОЈАНА ПОСТАВКА ОД 6.500 ДЕЛА

Осло, (Ројтерс)

Норвешка го отвори својот нов Национален музеј вреден над 600 милиони евра, откривајќи ја огромната постојана поставка на уметнички дела, што го става на ниво на најголемите музеи на светот.

Дизајниран од германскиот архитект Клаус Шуверк, големиот комплекс на брегот на Осло се градеше осум години и ги обедини колекциите од пет норвешки музеи под еден покрив. На просторот од 13.000 квадратни метри, постојано ќе бидат изложени 6.500 уметнички дела, меѓу кои и една верзија на „Вресок“ на Едвард Мунк.

Во влезниот хол е поставена инсталација со 200 черепи од ирвас (Фото: Гети)

Изграден од материјали кои треба да траат со векови, зградите на музејот се обложени со локален сино-сив камен и крунисани со Светлосната хала, која ноќе ќе биде видлива од неколку километри, благодарение на 9.000 енергетски ефикасни ЛЕД светилки. Музејот ќе се грее и лади со водата од фјордот на Осло.

Музејот го отвори норвешкото кралско семејство (Фото: Гети)

Во него ќе можат да се видат и средновековни таписерии, кинески царски порцелан, современи дизајни и мода, а на вториот спрат доминираат визуелните уметности.

Просторија со 18 дела од Едвард Мунк (Фото: Гети)