Вечерва на сцената на Велешки театар ќе се изведе претставата „Елегија во пет здива”, што е прва премиера за оваа година. Таа е дел од 59. Рацинови средби.
„Елегија во пет здива” е танц театар базиран на поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.
„Во претставата се прикажани пет слики-пет здива, односно пет перформанси, кои имаат за цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку комбинација на танц, нарација и физички театар. Актерите-танчари ги користат сопствените тела како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба“, вели режисерот и кореограф Филип Петковски.
Играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска. Костимите се на Антонија Гугинска-Јорданоска, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска, а во претставата е користена музика на „Даха Браха“, Пјотр Илич Чајковски, Лудвиг ван Бетовен, Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Кжиштоф Пендерецки, Дуке Бојаџиев и „Синтезис“.
П. ПЕЧКОВ