Д ФЕСТИВАЛ СЕ ВРАЌА ВО ПОЛН СЈАЈ СО НАД 50 УЧЕСНИЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од 50 учесници и пет бини ќе понуди 12. издание на Д фестивал во Дојран, што се отвора денеска и ќе трае до недела. Фестивалот на „Пасворд продукција“ покрај Дојранското Езеро се враќа во полн сјај ова лето, при што ќе бидат застапени светската, регионалната и домашната сцена и разновидност на музички жанрови.

Секој ден ќе има повеќе од 12-часовна музичка програма: Марки Рамон ќе ги свири хитовите на „Рамонс“, Џулијан Марли го носи реге звукот прославен од неговиот татко Боб Марли, а силната екипа од регионот ја сочинуваат Дарко Рундек, Јура Стублиќ, „Хладно пиво“, „Буч Кесиди“ и евровизиската атракција Констракта.

Од САД доаѓаат „Култур шок“, раперот Смоукпурп и рејверот Зу, а од Велика Британија малку подзаборавените „Кошин“ и Габриела Чилми, која на почетокот на кариерата ја споредуваа со Ејми Вајнхаус. Меѓу настапите кои се очекуваат со голем интерес се и „Чиста околина“ и австриското електронско дуо Крудер и Дорфмајстер.

Фестивалскиот камп е отворен од вчера.