НОВА ОФСАЈД ТЕХНОЛОГИЈА ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ НА МУНДИЈАЛОТ ВО КАТАР

Женева, (АП)

ФИФА ќе воведе нова технологија на Светското првенство во Катар за да се унапреди судењето офсајди, користејќи систем на камери за следење екстремитети.

Полуавтоматизираната офсајд технологија (САОТ) ќе го следи движењето на фудбалерот со повеќе камери, плус сензор во топката, а на екраните на стадионот брзо ќе се прикажуваат 3-Д снимки за да можат гледачите да ја сфатат одлуката на судијата.

На секој стадион во Катар ќе бидат поставени 12 камери под покривот, кои усогласено ќе следат 29 точки на телото на секој фудбалер 50 пати во секунда. Податоците ќе се обработуваат со вештачка интелигенција за да се добие 3-Д офсајд линија.

Ова е трет мундијал по ред на кој ФИФА воведува нова технологија за да им се помогне на судиите.

Новиот офсајд систем гарантира побрзи и поточни одлуки од сегашниот ВАР, иако на последното СП во Русија беа избегнати големи судиски грешки.

„Иако овие алатки се доста точни, секогаш има простор за подобрување“, вели шефот на судиите во ФИФА, Пјерлуиџи Колина.