Дваесет и првото издание на фестивалот на европски филм Синедејс се отвора денеска со премиерата на „Мими“ на Даријан Пејовски.
Соодветно на мотото „Од високо подобро се гледа“, во следните седум дена филмови ќе се прикажуваат и на локации како покривот на ГТЦ, покривот на Домот на градежници, Музејот на современа уметност и Водно.
Повеќе од 50 филмови се распоредени во пет програми, а покрај „Мими“, македонска премиера ќе има и „Нема да си сама“ (You Won’t Be Alone), еден од најзборуваните хорори оваа година. Од премиерата на Санденс, дебитантскиот долгометражен филм на австралиско-македонскиот режисер и сценарист Горан Столевски собира само пофалби во светските медиуми. Во актерската екипа се и Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски.
Дејството се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, случајно убива една селанка и го зема нејзиниот облик.